Кон содржината

Независна држава, [не]зависни млади

Published on 12 Aug 2026

 Независна држава, [не]зависни млади

Став на Младински Сојуз – Крушево за состојбата и иднината на националната младинска политика во Република Северна Македонија


По 35 години независност, едно прашање останува особено важно: каква држава изградивме за младите и колку тие денес ја гледаат својата иднина во неа?


Бројот на млади на возраст од 15 до 29 години во Северна Македонија се намалил од околу половина милион во 1994 година на околу 317.000 според Пописот од 2021 година, додека нивниот удел во населението паднал од приближно 25% на околу 17%. Овој пад не е само резултат на демографските промени – значаен фактор е и континуираната емиграција на младите.


Во изминатите три и пол децении се создадоа национални стратегии, беше донесен Законот за младинско учество и младински политики и беа воспоставени нови механизми за младинско учество. Сепак, клучниот проблем останува ист: младинските политики се добро напишани, но слабо финансирани. Недостасуваат видлив и следлив буџет за млади, континуитет во институциите, мерливи резултати и целосна имплементација на законските механизми на локално ниво.


Истовремено, не сите млади ги искусија овие 35 години на ист начин. Младите од руралните средини, Ромите, младите со попреченост, девојките и младите жени, економски ранливите млади и младите од помалите градови се соочуваат со различни и често подлабоки бариери во пристапот до образование, работа, мобилност и младински можности. Затоа националната младинска политика не смее повеќе да зборува за „младите“ како за една хомогена група.


Европската интеграција, пак, за младите никогаш не била само геополитичко прашање. Таа значи можност за студирање, работа, мобилност и личен развој. Но долгогодишното одложување на европскиот пат, паралелно со недоволните домашни реформи, придонесе мобилноста сè почесто да се претвора од можност за развој во излезна стратегија.


Со овој став, Младински Сојуз – Крушево поставува осум конкретни барања: младинската политика да стане развоен и демографски приоритет, да се обезбеди посебен и транспарентен буџет за млади, целосно да се спроведе Законот за младинско учество, да се воведе јасна институционална одговорност и дезагрегирани податоци, да се развијат политики за задржување и враќање на младите, младите директно да се вклучат во процесот на ЕУ интеграција и да се обезбеди континуитет на институциите задолжени за младинските политики.


По 35 години независност, прашањето повеќе не е дали државата има младинска политика на хартија. Прашањето е дали младите можат да ја почувствуваат во својот секојдневен живот – и дали ќе изберат својата иднина да ја градат овде.


Прочитајте го целосниот став „Независна држава, [не]зависни млади“.